Реактивирана „јавната соба“ со експлицитни фотографии – групата брои над 200 членови, МВР го истражува случајот

На апликацијата „Телеграм“ повторно е отворена група под име „Јавна соба“. Во неа се објавени експлицитни фотографии од девојки, како и адреси и телефонски броеви.

Досега се споделени над 60 фотографии и 14 видеа. Групата за еден ден успеала да собере над 260 членови, а во потрага се по уште повеќе членови, испраќајќи им линкови за да се приклучат.

Од МВР велат дека веќе се запознаени со случајот и дека постапуваат по него. Известено е и Обвинителството, додаваат од МВР, апелирајќи доколку некој се пронајде во групата, веднаш да пријави во полиција.

„Министерството за внатрешни работи веднаш постапува за оваа нова група согласно сите надлежности, а и веднаш го известивме обвинителството“, велат од МВР.

Скандалот „Јавна соба“ ја разбранува јавноста минатата година кога фотографии и видеа од девојки, од кои некои и малолетни, беа споделени во групата „Телеграм“. Годинава случајот повторно стана активен кога Ана Колева јавно го сподели искуството со сексуалното вознемирување во групата. Невладините организации и граѓаните постојано бараа расветлување на случајот, па поради тоа на 8 март Платформата за родова еднаквост организираше протестен марш преку кој испратија пораки и побараа од институциите целосно расчистување на случајот со јавната соба.

Oсновното обвинителство поднесе кривична пријава за – производство и дистрибуирање на детска порнографија против Дарко Костовски и Михаил Паневски, на кои им се суди во притвор. Тие беа креатори и администратори на првата група.