Директорот Александар Ивановски ми рече дека треба да се купи стан за Никола Груевски, поранешниот премиер за да не го прислушуваат, всушност да не дојдат некои непознати соседи до него во зградата на улицата Бихаќка, рече во својот исказ пред судот Татјана Стојановска, секретарка на бизнисменот Ивановски (Теранова), на рочиштето познато во јавноста како „Плацеви на Водно“.
Таа сведочеше, откако претходно свој исказ во судот даде и поранешна сосетка на Груевски која според нејзиното сведочење продала стан на луѓе овластени од Груевски во истата зграда во која Ивановски побарал од својата секретарка да се купи стан.
За овој стан, секретарката на Ивановски имала имотен лист на нејзино име, но откри дека никогаш не добила клуч од станот, ниту пак влегла во него, а на прашање на обвинителката Лиле Стефанова како го купила станот, односно кој и дал пари за тоа сведокот објасни дека парите веќе биле во агенцијата за недвижности „Асторија“ каде што овој стан бил на оглас за продажба, дека таа не дала свои пари и дека откако дошол човек од доверба на Груевски работата била завршена и на нотар.
Од сведочењето на Стојановска, дознавме дека имало уште еден стан кој наводно бил купен за Груевски, но него го купила градежна компанија. Стефанова го праша сведокот и за работната позиција во компанијата во која работела во периодот кога биле купувани становите и за висината на нејзината плата, која, според исказот на Стојановска изнесувало 25.000 денари и тоа во време од 2008 до 2012 кога работела во компанијата Имка инжинеринг .
Стојановска, објасни и дека едно време била управител на компанија која била основана за да учествува на тендер кога било купено градежно земјиште на Водно.
Обвинението ги терети инволвираните дека фирмата ги купила две парцели од 11.000 квадратни метри на Водно, за Груевски, а парите биле од партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ. Управител на фирмата е Ристо Новачевски, кумот на Груевски, кој исто така е обвинет во случајот. Поранешниот премиер кој е осуден во случајот со набавката на мерцедес, поради што и избега и доби азил во Унгарија, контактирал со Ивановски откако бизнисменот бил повикан како сведок во случајот во кој се обвинети и, Сашо Мијалков, Орце Камчев и неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Nova tv