Синдикатот повикува на масовни протести во недела за сите работнички права

Недела да биде неработен ден, да се исплаќаат празнични дневници на работниците, минималецот да биде 60% од просечната плата, односно 18.000 денари, потпишување на Општиот колективен договор, исплата на К-15 и јавниот сектор, спирално зголемување на другите плати – бараат од Сојузот на синдикати на Македонија. Тие в недела излегуваат на масовен и радикален протест во Скопје, за да го изразат незадоволството од глувиот одност од институциите, како и игнорантскиот одност од страна на власта.

  • Поради економската криза предизвикана од пандемијата и најавената енергетска криза каде РКЕ кажува дека од 1 јануари ќе се зголеми цената на струјата за минимум 20%, бараме минималната плата да изнесува 60% од просечната плата или 18.000 денари, а сите останати плати да растат скалесто согласно колективните договори, истакнува Димовски.

Неизгласувањето на законот за прогласување на недела за неработен ден, што требаше да започне на први октомври, претседателот на ССМ, смета дека е причина за тоа 92% од работниците да не можат да одмораат во недела, а 8% од нив што работат во дејности каде што не може да прекине работниот процес не земаат 50% поголема дневница.

  • Револтирани сме од односот на пратениците. Законот недела да биде неработен ден, кој требаше да важи од 1 октомври, не е изгласан. Со тоа, 92 проценти од работниците не одмараат во недела, а осум проценти кои работат во дејности каде процесот не може да прекине, не може да земат 50 проценти зголемена дневница. Работниците во моловите кои треба да работат само од 10 до 18 часот, не земаат дневница зголемена за 100 проценти. Исто така, по основ на данок за работа во недела, во Буџетот на РСМ не се влеваат даночни средства во износ од три проценти со кои треба да се изградат нови градинки за нашите деца, посочува Димовски.

Дел од барањата на Синдикатот се и враќање на правото за регрес на годишен одмор за сите работници во Општиот колективен договор за јавен сектор и пензионирање по неколку основи – за жени со 35 години и за мажи со 40 години стаж, без разлика на нивната возраст. Потоа пензионирање според дејности, предвремена пензија со 60 години старост и 15 години стаж, кога работникот кој не се чувствува физички способен, да зема минимум 70% од пензијата додека не ги исполни условите за целосна пензија.

Инаку, протестот ќе се одржи во недела на пладне пред зградата на ССМ, по што ќе продолжи пред Собранието и пред зградата на Стопанската комора на Македонија. Ако не се исполнат барањата, синдикатот најавува генерален штрајк.