Собранието изгласа – недела неработен ден од 1 јануари

Од први јануари недела и официјално станува ден за одмор.

По неколкумесечни дебати и пролонгирања на роковите, денеска пратениците со 62 гласа „за“ ги изгласаа измените во Законот за работни односи. Ова значи дека за 92% од работниците недела ќе биде неработна – а тие што ќе работат ќе добиваат додаток на плата од најмалку 50% за секој изминат час и еден слободен ден во текот на неделата.

ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаше измените. Оттаму го повторија ставот дека ваква мерка не се носи во време на КОВИД криза бидејќи ќе се намали обемот на работа па работодавачите ќе бидат принудени да отпуштаат работници.

Новиот закон првично требаше да стапи на сила од 1 октомври годинава но се одложи поради изборите. Листата од 32 дејности за кои нема да важи оваа мерка се зголеми на 42 по барање на дел од коморите. Недела ќе остане работна за трговските центри, кафулињата и рестораните, дел прехранбената индустрија, здравствените институции, рудниците, медиумите и други.