Шахпаска: Од 1 јануари недела ќе биде ден за неделен одмор, очекувам пратениците да го усвојат законот

Законското решение кое предвидува недела да биде ден на неделен одмор ќе почне да се применува од 1 јануари наредната година.

Ова со заеднички комисиски амандман го одлучија пратениците на денешната седница на собраниската Комисијата за труд и социјална политика, каде предлог-законот за работните односи помина во второ читање.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, нагласи дека законското решение кое предвидува недела да биде ден на неделен одмор е дел од политиката на Владата за заштита на правата на работниците. Таа очекува пратениците да го поддржат ова законско решение и на пленарна седница, бидејќи законот е во интерес на 92 проценти од работниците во Република Северна Македонија.

„Со ова решение ги штитиме правата и на оние осум проценти од работниците што поради виталноста на дејноста или технолошкиот процес мора да работат во недела, со тоа што се превидува дневница поголема за најмалку 50 проценти и слободен ден во наредните седум дена. За вработените во трговијата, каде што исто така има одредени исклучоци, додатокот на плата е во висина од 100 проценти, значи двојно повисока дневница во недела”, рече Шахпаска.