Бојан Јовановски изнесен со полиција од судница поради кавга со судијката

0
16

Бојан Јовановски, обвинет во судскиот предмет „Меѓународен сојуз“ на денешното рочиште со полиција беше изнесен од судница, поради непристојно однесување и кавга со судијката.

Јовановски реагираше дека недостигаат материјали од неговиот телефон, кој го вештачеше МВР и дека не е виновен што тие не се презентирани, бидејќи форензичкото вештачење го добил летото. Тој ја обвини судијката Софче Гаврилова Ефремова за цензура и побара нејзино изземање од случајот од страна на в.д. претседателот Иван Џолев кого, пак, го обвини дека е корумпиран.

Атмосферата во судницата се вжешти во моментот кога Јовановски рече дека бил во пријателски односи со блиска роднина на судијката, по што Гаврилова-Ефремова побара интервенција на затворската полиција.

– Вие имате константна потреба да ме цензурирате. Вие постојано ме цензурирате. Само тоа што ви одговара го кажувате – рече Јовановски.

Судијката Гаврилова-Ефремова му одговори дека „судот дава и одзема збор“.

– Овде се зборува конструктивно. Обврзна сум да нема дефокусирање на главната расправа, рече судијката.

Јовановски повторно реагираше:

– Апелирам до в.д. претседателот на овој суд, иако имам недоверба и кон него,  најсериозно да ги земат предвид сите овие наводи за крајно тенденциозно однесување од страна на судијата и тоа: на секое рочиште за главна расправа, судијата ми предизвикува психички стрес поради тенденциозното, малициозно, анимозитетно однесувсње единствено кон мене како обвинет и странка во постапка. На минатото рочиште ми беше одземено правото да побарам одземање со образложение тоа да го направам писмено, а требало под нови околности. Но тоа треба да го цени друг, а не судијата за кој барам изземање, рече Јовановски.

Судијката го прекина обвинетиот Бојан Јовановски со барање од затворската полиција да го изнесат од судот.