Бугарија се налути: Честитката од руската амбасада во Скопје за Св. Климент е провокација

0
19

Уште една руска провокација која има за цел да забие клин меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и да ја искриви вистината до крајно невозможен степен. Вака бугарскиот професор Пламен Павлов, ја оценува честитката од Амбасадата на Русија во Скопје по повод празникот Св. Климент Охридски

Како што објави БГНЕС, реакцијата на Павлов, кој според агенцијата, е еден од најголемите познавачи на бугарската и балканската средновековна историја, следи по честитката од руската амбасада во која пишува дека Св.Климент Охридски бил „голем просветитек, прв словенски епископ, еден од основоположниците на кирилското писмо кое ги поврзува современите руски и македонски јазик”.

Во објавениот текст се наведува и дека руската амбасада во Софија никогаш не ѝ го честитала овој празник на Бугарија и на бугарскиот народ.

Бугарскиот историчар ја осуди и пораката на премиерот Зоран Заев по повод празникот, дека „Свети Климент е жив споменик на нашата историја и основоположник на Охридската школа, позната и како прв балкански и европски универзитет“. Во својата изјава, како што стои во реакцијата, Заев воопшто не спомнал дека ликот и делото на Свети Климент Охридски се барем заеднички со Бугарија и е важни за бугарската историја и култура.

„Не помалку за осуда е и изјавата на премиерот Заев, бидејќи во деновите кога самиот тој дава индиции дека се бара помирување со Бугарија, дека се бара заеднички јазик со Бугарија, всушност покажува дека не се бара заеднички јазик и дека се продолжува со јазикот на лагите и бугарофобијата”, вели Павлов.

Според него, сите историски извори, житија и други документи говореле за неговата бугарска припадност, а во сите документи Климент бил нарекуван чувар на бугарската духовност.

Инаку, освен честитката, денеска, по повод празникот 8 Декември – Свети Климент Охридски, амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин положи венец пред споменикот на Свети Климент Охридски во Народната универзитетска библиотека во Скопје.