Да не се создава паника со најави за високи покачувања на цените, велат од Владата

0
18

Од Владата тврдат дека се во постојан дијалог со сите засегнати страни во стопанството и постојат механизми за да се регулираат цените на производите на пазарот

Портпаролот на Владата Душко Арсовски порача дека нема место за паника во врска со евентуални најави за покачувања на цените на прехранбените производи во земјава.

Во врска со тоа дали Владата ќе го следи примерот на Србија, која вчера ги замрзна цените на основите прехранбени производи во период од 60 дена, Арсовски порача дека се следат политиките кои ги практикуваат соседните земји и дека постојат механизми за тоа да се регулира без дополнителни ценовни шокови.

„Постојат механизми, Владата ги уверува граѓаните, како и стопанствениците, дека и натаму ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за соодветно да се реагира на секој предизвик. Државата ги следи состојбите во сите сектори во економијата, вклучително и во преработувачката и прехранбе ната индустрија. Владата е во постојан отворен дијалог со сите засегнати страни на стопанството. Една таква комуникација се одвива преку Платформата за социјално-економски дијалог која ги опфаќа социјалните партнери и четирите најголеми комори, преку која се одржуваат редовни состаноци и тој не е прекинат“,

изјави Арсовски на прес-конференција на Владата.