Дождот во Струмичко предизвика поплави и затвори патни правци

0
22

Дождот во Струмичко предизвика штети на повеќе локации, а најсериозно е во општина Ново Село. Таму е затворен за сообраќај патниот правец меѓу селата Мокрино и Смолари поради појава на свлечиште и одрони, а во селото Мокрино поплавени се неколку куќи и дворови од излевање на локален водотек.

Според градоначалникот на оваа општина, Ѓорѓе Божинов, екипите на комуналното претпријатие се на терен од синоќа.

-Патниот правец Смоларе-Дражево беше синоќа во прекин, но со брзата интервенција е исчистен и е прооден. Имаме информации дека во селото Мокрино се поплавени неколку куќи и дворови. Имаме и таму екипи кои работат на расчистување и во текот на денешниот ден ќе се изврши процена на првичните штети. Одронот во близина на селото Самоилово рано наутро е расчистен, информираше градоначалникот Божинов.

Во Општина Босилово засега има излевање на едно место на реката Турија кај селото Турново. Според информациите од градоначалникот Ристо Манчев на местото на излевањето има еден багер и засега состојбата е под контрола.

Во селото Банско екипи на струмички „Комуналец“ работат на расчистување на одрони предизвикани од водите од планината Беласица и таму засега состојбата е стабилна.