КОВАЧЕВСКИ: НЕМА ДА ИМА РЕСТРИКЦИИ НА СТРУЈА И ПОКРАЈ ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА ВО КОЈА СЕ НАОЃА ЗЕМЈАВА

0
37

Нема да има рестрикции на струја и покрај енергетската криза во која се наоѓа земјава, тврди првиот човек на државните електрани Васко Ковачевски. Сепак, признава дека ТЕЦ Неготино и РЕК Битола се уште не работат со полн капацитет, а тоа ќе се случи дури во јануари идната година. Според Ковачевски, државните електрани ќе произвeдат доволно струја, за целосно да го снабдат ЕВН хоум, кој пак ги снабдува граѓаните и малите фирми со електрична енергија.

По 12 години, неготинската термоелектрана е повторно вклучена на мрежа. Веќе 10 дена произведува струја, но со половина капацитет. Идниот месец ќе биде вклучен и вториот котел, со што ТЕЦ Неготино ќе произведува струја приближно на еден блок од РЕК Битола.

Во меѓувреме, економијата се соочува со големи проблеми, откако снабдувачите на слободниот пазар на компаниите им нудат струја, неколкукратно поскапа од досегашната. Повисоки сметки од јануари ќе имаат и граѓаните. Регулаторната комисија утре ќе одржи подготвителен состанок со компаниите кои учествуваат во формирањето на цената на струјата. Оттаму најавуваат дека ќе се бара максимална солидарност и од нив, за да не се случи голем ценовен шок за граѓаните. Колкаво ќе биде поскапувањето, ќе се знае во петок.