Младите на удар од екстремно загадениот воздух во Тетово, се жалат на белодробни заболувања и тешкотии со дишењето

0
42

Младите на удар од екстремно загадениот воздух во Тетово. Се повеќе се жалат на белодробни заболувања, проблеми со дишење. Но последиците од загадениот воздух, длабоко продира и во внатрешните органи, страда и црниот дроб.

 

Иако млади, доаѓаат со слика и симптоми како со децении да биле изложени на аерозагадување, говори искуството на Болницата за белодробни заболувања во Лешок, каде се повеќе млада попуплација се жали, најчесто на тешкотии со дишењето.

-Нели имаше реакции Југохром го загадува воздухот, тој со години не работи, а расте бројот на лица со белодробни заболувања. Значи не е проблем само Југохром, загадувањето сепак е и од нас самите. Употребуваме било што за греење, гуми, прегорени масла и што уште не и сами сме си виновни.Во последните години, помладата популација доаѓа со симптоми кои порано сме ги очекувале од постарите лица кои биле изложени на аерозагадувањето, а сега ни доаѓаат млади со тешкотии, вели доктор Исмаил Ваити од Болницата за белодробни заболувања во Лешок.

Од аерозагадувањето страдаат и други органи, покажуваат најновите студии за штетноста од ПМ честичките врз човековиот организам.Лица кои воопшто не конзумирале алкохол ,а воделе здрав живот имаат големи оштетувања на црниот дроб, а како причина се наведува аерозагадувањето.

-И навистина има лица од Тетово и селата кои воделе здрав живот не конзумирале алкохол, одат на лекар се снимаат и добиваат лекарски наод замастен црн дроб. Замастувањето на црниот дроб значи дека клетките на црниот дроб си ја намалуваат својата функција, а главните функции на црниот дроб е хемијата, односно лабаротија која го прочистува организмот.Оваа студија се појави во журналот за хепатологија еминентен журнал, а студијата е вршена подолго време. Испитани се над 9000 испитаници во 5 провинции во Кина. Многу интересни податоци даваат Кинезите, од само 10 микограми на ПМ 10 честичките колку е големо замастувањето, рече доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Тетово изминативе неколку недели е на врвот по аерозагаденост. Минатиот месец тетовци само 7 дена дишеа чист воздух, а во октомври градот под Шара повторно се најде на врвот на страницата Нумбео, како најзагаден град во светот.

Од она што се гледа на терен, властите досега немаат преземено конкретни чекори против аерозагадувањето.Урбан хаос со голем број висококатници, сообраќаен метеж, бетонизацијата, се главните извори од кои со години се трујат граѓаните.