Ноев: Оној што ќе го смени ставот кон С. Македонија, нема да остане на власт во Бугарија ни еден ден

0
36

Поранешниот бугарски дипломат, Бојко Ноев во емисијата „Денот започнува со Георги Љубенов“ на БНТ, вели дека новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков е прагматичен и тоа го покажал со ставот дека е потребна најпрво анализа, а потоа конкретни чекори за секоја од политиките.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Ноев, многу е важно да се направи анализа и на односот со Република Северна Македонија.

И ние сакаме работите да тргнат побрзо, но земјата-кандидат е Република Северна Македонија. Таа мора да исполни важни критериуми, го коментира Ноев барањето на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски побрзо да се донесе одлуката на Бугарија.

Според Ноев, четири години ништо не се случило во односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Тој смета дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство односите меѓу двете земји се движеле во надолна линија. Северна Македонија, според него, во голема мера се потпирала на меѓународниот притисок и практично престанала да го спроведува Договорот.

Ноев смета дека Петков сега треба со својот тим да разјасни кои се причините Република Северна Македонија да го промени ставот кон спроведувањето на договорот и дали Бугарија дала повод за тоа.

Бојко Ноев вели дека има притисок Бугарија да го смени ставот во однос на Република Северна Македонија, но додаде дека Бугарија нема да го стори тоа.

– Политичарот кој би го сторил тоа, нема да остане ниту еден ден на власт. Затоа е многу важен предлогот на претседателот Румен Радев за состанок на Советот за национална безбедност, бидејќи на тој начин тој му дава поддршка на премиерот Кирил Петков во една комплицирана ситуација кога опозицијата и други недобронамерници го напаѓаат. Прашањето за односите со РСМ е крајно деликатно и сложено и Румен Радев му подаде рака на Кирил Петков, коментира Бојко Ноев.

Според него, Бугарија има многу едноставно барање – Република Северна Македонија, која е мултинационална, да ги вклучи и Бугарите во својот устав меѓу останатите националности.