Нуредини: Нема легализација на дивоградбите во зоните на строга заштита и активно управување

0
30

Со Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, Владата предвидува дека нема да бидат легализирани сите видови на дивоградби изградени во рамки на заштитните подрачја утврдени со Закон, изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини на денешната прес-конференција.

Министерот Нуредини и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска го презентираа Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, со којшто се предвидува можност за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година.

– Истото е предвидено за сите видови бесправни објекти изградени во границите на охридскиот регион, кои се утврдени дека не се во согласност со Планот за управување со светското и културно наследство во регионот на Охрид. Ова подрачје има непроценлива природна, културна и универзална вредност и во него ќе може да се спроведе легализација само на објектите што се во Планот за управување, додаде Нуредини.

Во однос на природно заштитното подрачје, министерот посочи дека нема никаква легализација во зоната на строга заштита и зоната на активно управување.

– Ова значи дека ќе се дозволи само на оние објекти што се со намена А1, односно куќи за домување во зоната за одржливо користење и заштитниот појас на подрачјето. На овој начин ќе излеземе во пресрет на граѓаните кои не можеле да ги регулираат своите нерешени имотно правни односи, вели тој.

Во вториот дел од обраќањето министерот Нуредини говореше за Законот за инспекциски надзор во животната средина, што е по барање на Европската Унија и е споменат во последните извештаи.

– Ова беше побарано од нас како Министерство, да пристапиме и да подготвиме Предлог-закон за инспекциски надзор на животната средина во согласност со сите институции во државата. Овој предлог закон е во согласност со Европскиот Парламент, Советот и ги исполнува минималните критериуми за животна средина. Идејата е да се усогласат Државниот инспекторат заедно со локалните инспекторати и да функционира инспекцијата во нашата држава, појасни Нуредини.

Тој додаде дека со овој Закон ќе се обезбеди повеќе годишно планирање, ќе се обезбеди надминување на актуелните предизвици во однос на човечките капацитети и од друга страна ќе се испочитуваат процедурите  кои се ургентни. Министерот истакна дека овој закон ќе им овозможи на инспекторите да постапуваат не само според тоа што е во програмите, туку ќе можат да вршат контроли и надвор од работното време.