Од денеска наместо најлонски во трговијата дозволени биоразградливи кеси по цена од 15 денари

0
18

Платнените торби се враќаат во мода. Од денеска на пазарење како од пред неколку децении.

Стапи на сила забраната за користење на пластични кеси. Па во сите маркети, пазари, аптеки, пекари….кеса од денеска чини 15 денари.

Камерата на Канал 5 направи обиколка низ пазарите. Можевме да забележиме дека по намирници на пазар денеска повеќето граѓани тргнаа со торби или големи црни кеси. За новите измени имаат поделени мислења.

Но, на пазарите денеска кесите и не се наплаќаа. Продавачите велат дека се уште имаат од старите кеси и уште денеска ќе се користат тие.

На новите измени остро се спротиставија и пекарите.Од занаетчиската комора велат:

„Набавка на хартиени кеси чини 50 отсто повеќе од набавката на многу лесните пластични кеси за носење на стока чијашто дебелина е пониска од 15 микрони, и кои претежно ги користевме за пакување на бурек и бели пецива во бурекџилниците. Освен тоа хартиените кеси ги нема на пазарот што предизвикува и други проблеми.“

Предлагаат државата да ја субвенционира набавката на хартиени кеси за да не се соочат со затворање на бизнисот.

Од животна средина не отстапуваат од измените. Министерот Насер Нуредини им порача на граѓаните да не даваат 15 денари за кеса, туку да пазарат со торба, бидејќи идејата на законот е токму тоа, да се променат навиките и пластиката да се тргне од употреба.

„Идејата не е дека ние очекуваме пари за Фондот, идејата е да ја намалиме употребата на пластика. Ние ќе ве инфомираме јавно на прв квартал наредна година колку средства имаме во тој Фонд и што ќе направиме со тие пари, директно за животна средина, за подобрување на наши стандарди.“ Насер Нуредини, министер за животна средина

Но, колку пари ќе се соберат пресметка нема, Нуредини вели првични информации би имале во март.

Како да водат евиденција трговците и на која сметка да ги уплаќаат парите, Нуредини ги упати да го прочитаат правилникот објавен во Службен весник. За поплаките на производителите пак вели дека тие имале доволно време да се подготват до сега, бидејќи законот е од пред две години, а овие ќе може да се користат до јуни 2023тата година, потоа на сила ќе стапат и построги мерки.