Османи: Софија понуди договор за деблокада со признавање на бугарските корени на јазикот и нацијата

0
33

Бугарија лани барала официјално да потпишеме дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот и дека македонската нација произлегла од бугарскиот обид за ослободување од Отоманската империја.

Недоличниот предлог му бил врачен на министерот Османи, при неговата прва посета на Софија во декември минатата година, од тогашната шефица на бугарската дипломатија Захариева.

Македонија веднаш алармирала дека тоа е неприфатливо и ги информирала европските партнери дека таквиот пристап е погрешен. Сега во најава имаме нов, кој дава надеж за решение, вели Османи, а тоа е преместување на фокусот од историските, кон прашањата поврзани со човековите права.

„Мислам дека наметнувањето на историјата како критериум за членство во ЕУ беше и е нерационален пристап кој Унијата не го прифаќа. Меѓутоа Македонија е позната и призната во светот по однос на правата кои ги имаат граѓаните. И индивидуалните и колективните. Доколку зборуваме за правото на некој граѓанин да има свои погледи кон историјата, да манифестира слобода за своите културни и идентитетски атрибути, се разбира дека државата како и за секој друг граѓанин тоа ќе го овозможи”, вели Османи.

Македонија се согласува да ги вметне македонските бугари во Уставот, вели министерот, но со услов тоа да се случи на самиот крај на преговорите со ЕУ.

Османи брифираше и дека за цела година позадинската дипломатија работела со Бугарија. Разменувани биле нон пејпери, ноти и неформални предлози, а биле одржани и две тајни средби на високо ниво со посредство на меѓународната заедница во Брисел и во Берлин.

Што се однесува до предлогот на вицепремиерот Димитров – краен збор за секое решение со Бугарија да има Собранието, Османи вели дека тоа во пракса ќе значи дека на маса има нов Договор, што во моментов е неприфатливо за Македонија.

Конкретни очекувања за натамошните односи Скопје – Софија Османи очекува по посетата на бугарскиот премиер Петков во јануари, по што се очекува појасна слика за тоа дали можеме да очекуваме деблокада во јуни.

Сител тв