Пендаровски денеска ќе му го довери мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски

0
29

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска во 13 часот ќе му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Со тоа, стартува уставниот рок од 20 дена, во кој мандатарот треба да го дефинира составот на Владата како и програмата по која таа ќе работи, и да го достави до Собранието. Спикерот Талат Џафери ги очекува овие материјали веднаш по Божикните празници. Најавува дека и тој нема да го чека крајниот рок од 15 дена за свикување на Собранието, туку веројатно ќе закаже седница за првиот постпразничен викенд.

Формирањето на новата влада Ковачевски го најави за средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари. Вети дека новиот состав од „Илинденска“ ќе биде ориентиран кон економијата, заштитата на здравјето, продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија.

За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.