ПОРАДИ НЕИСПЛАТЕНИ ПЛАТИ, ПОВТОРНО БЛОКИРАН ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ

0
16

Вработените од велешка „Колска“ утрово два часа го сопреа железничкиот сообраќај од Велес кон Битола и Гевгелија. Тие три дена молат за заостанатите три плати, но велат државата не ги есапи.

Иако во вторникот, на предупредувачки штрајк овие луѓе ја кажаа својата мака, никој од Владата, која е сопственик на фирмата во која работат, не се заинтересирал за решавање на проблемот.

Велешката фабрика која ги сервисира вагоните на железници со години има проблеми со ликвидноста. Долг период наназад не се плаќал ДДВ кон државата, за да има за плати.

Ниските цени по кои ги поправаат вагоните се една од причините за проблемите во „Колска“.

Сега, иако имаат работа, не можат да ја наплатат, оти сметката им е блокирана, а УЈП им бара висока рата за заостанатиот данок, кој фирмата не може да го издржи. Во исто време, 87-те вработени доживуваат и лични драми.

Раководството на „Колска“ крева раменици. Управителот Митко Јанков вели дека постојано е во контакт со УЈП, но дека оттаму нема многу слух за да им се намали ратата, па да можат нормално да функционираат. Синдикатот предлага модел за трајно решавање на проблемот со оваа државна компанија.

ТВ24 утрово побара став од Владата, но до затворањето на овие вести, оттаму немаше реакција.