ПОСКАПА СТРУЈА

0
15

ЕСМ очекува Владата да донесе одлука со препорачана цена на електричната енергија и веќе во четврток кога и истекува рокот на ЕВН Хоме да достават понуда. Владата на затворена седница ќе го разгледува финансискиот и планот за производство на електрани за 2022 година – првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски иако бројки не открива – вели цела табела од цени е доставена до Влада.

Се поизвесно е дека цената на струјата по Нова година ќе биде повисока, колку официјално засега никој не откирва – ТВ 24 веќе објави дека неофицијално производната цена на струјата на ЕСМ кон универзалниот снабдувач, која е еден од главните критериуми за формирање на цената за домаќинствата, од сегашните 36 евра, ќе порасне на 45 евра за мегават – час, што е зголемување од околу 20 отсто.

„Ги направивме сите подготовки за утврдување на цената на електричната енергија со план за производство, финансиски план и план за јавни набавки за 2022 година, со табела од цени доставени до Владата која пак треба да донесе одлука со препорачана цена за количините на електрична енергија кои што АД ЕСМ ќе ги испорачува на ЕВН Хоум како универзален снабдувач на енергија за малите потрошувачи и за домаќинствата. Ние како АД ЕСМ одлучивме наместо со минимум 60 отсто, во 2022 година кон ЕВН Хоум да испорачуваме 100 проценти енергија. Очекуваме Владата да донесе одлука со препорачана цена на електричната енергија, а потоа на 9 декември да доставиме понуда до ЕВН Хоум да почнеме со подготовки за реализација на планот за 2022 година.“ – вели Васко Ковачевски директор на ЕСМ.

Во 2022 ЕСМ стопроцентно ќе ја продава електричната енергија на ЕВН – ваквата одлука според надлежните била донесена се со цел да нема ценовни шокови за граѓаните. Познавачите и натаму алармираат трошиме повеќе отколку што произведуваме. Цената на струјата ќе расте, а Македонија ја очекува економска криза.

„За да се запази дека нема енергетска криза, и дека граѓаните ќе истрпат со добра цена, што ќе биде подигната за 20 посто, ќе страдаат компаниите. Затоа што оваа разлика во цената некој мора да ја плати, значи тоа сепак ќе го платат граѓаните, преку компаниите кои што ќе мора да ги зголемат цените на производите, да ги зголемат трошоците за производство. Всушност доаѓа момент на економска криза.“ – вели Ѓорги Манасков – Стопанска комора за енергетика.

Спасот од енергетската криза и натаму властите го гледаат во активирањето на сите капацитети и зголемување на домашното производство. Покрај двата блока во РЕК Битола, на стартот на новата 2022-ра се очекува со работа да почне и третиот блок кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар. На 1 декември во функција се стави и Осломеј. А до крајот на  месецов по речиси 12 години, во погон се очекува да биде ставен и ТЕЦ Неготино.