По енергетската криза увозната струја ќе биде тројно поскапа

0
18

Според последните официјални податоци на Евростат за првата половина од годинава жителите на Украина плаќаат најевтина струја во Европа, киловат-час ги чини Украинците 5,06 евроценти,  најскап киловат- час плаќаат во Германија 31,93 и Данска 29 евроценти.

Минатата година, поради економската криза и затворањето на градовите и државите, беше одбележана со пад на цената на струјата низ Европа. Цените на киловатите во Германија, каде потрошувачите традиционално, заедно со Данска, плаќаат најскапа струја во Европа, во 2020 година се намалени на околу 30 евра за мегават-час, што е за седум евра пониско од 2019 година.

Причините за тоа се пониските трошоци за гориво минатата година, падот на побарувачката на електрична енергија како резултат на пандемијата и рекордната количина на електрична енергија произведена од обновливи извори.

Годинава ситуацијата е обратна, поради што и цената на струјата скокна. Покрај во Данска и Германија, струјата скапо ја плаќаат и домаќинствата во Белгија – 27,02 евроценти, Ирска – 25,55, Шпанија – 23,55, Италија – 23,59 евроценти.

 ЦЕНИТЕ НА СТРУЈАТА 

Дека пазарот е променлив, потврдува и фактот што претходните години домаќинствата во Северна Македонија и БиХ плаќаа помалку струја од граѓаните во Србија, но сега ситуацијата е обратна. Така, Македонците плаќаат 8,41 евроценти за киловат со даноци и давачки, граѓаните на БиХ 8,75, а албанските 9,33 евроценти.

Струјата е значително поскапа и во Црна Гора, односно изнесува 9,80 евроценти за киловат-час, во Хрватска 12,91 додека во Словенија е дури 16,62.

Експертите предупредуваат дека е јасно дека енергетската криза наскоро нема да престане, а поради нашата голема енергетска зависност (100% зависни од увоз на природен гас, нафта и нафтени деривати, како и голема – над 35% зависност од увоз на електрична енергија) последиците од енергетската криза кај нас се чуствуваат и ќе се чуствуваат во наредниот период.

ЗА 30 ГОДИНИ ТРИ ПАТИ ПОМАЛКУ СТРУЈА

-Причините за енергетската криза кај нас покрај глобални, се и национални. Во изминатите 30-тина години, од нашата независностот до сега многу малку е вложувано во енергетиката  и токму затоа производството на струја е намалено за 20 проценти.

Само за споредба до 1990 година, вкупната инсталирана моќност за производство на електрична енергија во нашата држава била на ниво околу 1550 мегават-часови, со просечно годишно производство на електрична енергија од околу 6.000 гигават-часови. Најголем дел, над 80 отсто, од овие производствени капацитети се изградени во периодот од 1960 до 1990 година, вели Драган Миновски, професор по енергетика и обновливи извори на енегрија на Универзитетот во Штип.

Според него во  2020 година пак, вкупниот инсталиран капацитет бил 2.100 мегават- часови, а производството на електрична енергија е намалено во споредба со 1990 година на ниво од околу 5.100 гигават -часови.

-Ова значи дека за последните 30 години изградени се три пати помалку производствени капацитети во споредба со периодот од 1960 до 1990 година или само 550 мегават- часови инсталиран капацитет нови производствени капацитети, вели тој.

ЕНЕРГЕТСКИ ЗАВИСНА ЗЕМЈА

Енергетската криза кај нас е производ на надворешни, но и внатрешни пробелми во енергетиката. Поради големата енергетска зависност на државата, надворешните фактори влијаат многу кај нас. Сепак не се за занемарување ниту внатрешните фактори.

-Во моментот енергетската криза е разгледувана само од аспект на зголемните цени на енергенсите на енергетските пазари. Во тој дел очекувам дека ваквите цени на енергенсите на пазарот ќе се намалат некаде по завршување на првиот квартал од наредната година, но сепак тоа намалување нема да биде на ниво како пред оваа криза  по цена од 50-60 евра за мегават- час за електричната енергија или 250-300 евра за 1000 нм3 природен гас, но на ниво од околу 100 – 150 евра за мегават-час  електричната енергија во однос на сегашните 200 – 250 евра за мегават-час и 550 – 650 евра за 1000 нм3 за природниот гас, што е дупло од она што го имавме во изминатиот период, вели Миновски.

Сепак  тој додава дека ова се пазари кои се многу динамични и се менуваат постојано во зависност од многу економски, климатски и политички фактори.

-Во однос на внатрешните фактори, потребни се брзи и зголемени инвестиции во наредниот период во нови производни капацитети од обновливи извори, како и инвестиции во енергетска ефикасност и зголемена енергетска ефикаснот на сите нивоа, сето тоа пратено со оптимално производство од постојните производни капацитети. Ова треба да доведе до поголема енергетска независност и помало влијание од надвор, додава тој.

фокус