По Ковачевски и Ременски, во трка Деспотовски и Зечевиќ – Димитриевски: На овој начин нема да поднесам кандидатура

0
15

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски кој не се смета за исклучен од СДСМ во изјава на ТВ21 вели дека на овој начин тој нема намера да се кандидира за лидер на партијата, бидејќи како што истакна ваквиот систем, не е според Статутот на партијата.

„Има постапка утврдена согласно Статутот. Се одредуваат состаноци на месни организации, општински организации и се даваат предлози, самите предлози потоа ги потврдуваат општинските организации и на крајот, значи се отвора постапка и за самокандидатури, во кои што треба членството да исфрли кандидат а не да пишуваме ние кандидатури со самокандидирање и да се правиме сами претседатели пред време“, истакна Максим Димитриевски.

На Ковачевски и Ременски кои и официјално ја поднесоа кандидатурата за претседател на СДСМ во оваа трка се очекува да им се придружи и Јован Деспотовски, првиот човек на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и долгогодишен член на партијата. Тој денеска изјави дека сериозно размислува да се кандидира.

„Сериозно размислувам не е тајна за тоа. Меѓутоа одлуката не е лесна, предизвикот е голем, времето е комплицирано доста, одговорноста е голема и одлуката ќе ја соопштам утре бидејќи сакам и денеска да го искористам денот да се исконсултирам дополнително и со моите најблиски, со моето семејство, бидејќи и нив ги вовлекувам“, вели Јован Деспотовски.