По Шеќеринска и Царовска соопшти дека нема да биде дел од новата влада

0
37

Таа денеска изјави дека сама одлучила да не учествува во комбинаториките околу новиот владин кабинет.

 

Повлекување од министерската функција во новиот состав на Владата во петокот најави и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Таа кажа дека нејзината партија СДСМ не ги разбрала пораките од јавноста кои доведоа до пораз на локалните избори и затоа нема да учествува во новата влада. Во новиот состав нема да биде ниту министерот за здравство Венко Филипче, кој ќе го наследи Беким Сали од новиот коалиционен партнер Алтернатива, која во владата влегува со три министерски, три заменички места и повеќе од 47 јавни функции.

Освен Сали, министри ќе бидат и Адмирим Алити во Информатичко општество и администрација, како и Џемаил Чупи без ресор – одговорен за дијаспората..

Портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, кој ќе биде назначен за директор на МЕПСО, на новинарско прашање зошто ниту една жена не е назначена на некоја од функциите кажа дека изборот бил направен од потенцијалнот на кандидатите, а не од родот.

„ Имавме опсежна дискусија внатре во партијата. Имаше одредени понуди кои беа прифатени и на крајот кога раководството гласаше за списокот не бевме водени што е машко или женско, туку едноставно кадровскиот потенцијал што го имавме и кадарот кој покажа волја да ги води институциите“, вели Муртезани.

Во јавноста кружат многу шпекулации за изгледот на новата влада на Ковачевски, која се очекува да биде избрана во следните недели. Првичните сигнали се дека идниот премиер сака целосно да ја освежи владата со нови министри, а во актуелниот состав од редовите на СДСМ веројатно во истиот ресор ќе остане само Оливер Спасовски во МВР.. ДУИ соопштија дека не палнираат промени, но конечниот збор ќе го има Ахмети.