Проблеми во викенд населбата на Попова Шапка – Бектеши го повикува Касами да соработува за да се подобри состојбата

0
38

Викенд населбата на Попова Шапка во Тетово и понатаму запуштена – со неисчистени улици, дупки и смет на влезот на населбата. Министерот за економија, Крешник Бектеши бара локалната власт да соработува со цел да се изнајде соодветно решение за проблемот, објави ТВ21

„Со претходната градоначалничка на општина Тетово и раководството на општината разговаравме за овие проблеми и бевме во завршна фаза да ги реализираме, било кога станува збор за подобрување на патната инфраструктура на викенд населбата, било за подобрување на јавното осветлување, но исто така и за зголемување на капацитетот за паркирање. Го повикувам актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами да ја продлабочи соработката со централните институции со единствена цел – заедно да работиме на проекти кои се во интерес на граѓаните и посетителите на Попова Шапка за да го зголемиме бројот на туристите“, вели Крешник Бектеши.

Директорот на „Елем Турс“, Адем Авзиу вели дека општината е таа која треба да изнајде решение за отпадот.

„Отпадот кој се наоѓа на влезот на Попова Шапка е реалната слика со која се соочуваат посетителите. За ова прашање би било најдобро да ја прашате општина Тетово и јавното претпријатие кое управува со отпадот и тие да ги решат овие проблеми“, додава Адем Авзиу.

Од општина Тетово велат дека се во процес на идентификување на проблемите во оваа населба која е под нивна надлежност. Истовремено му порачаа на министерот да не се занимава со ниски дневни политики, додавајќи дека власта и порано имала време да побара одговорност за овие проблеми.

„Ние го испративме инспекторатот на Попова Шапка за да ги идентификува проблемите и да даде одржливо законско решение согласно надлежностите на општината. Во овој случај ќе се запазат сите законски процедури и мерките ќе бидат во оваа функција. Истото важи и за отпадот. Многу брзо ќе имаме решение. Проблемите кои се таложеле со години не треба да се злоупотребуваат за барање одговорност преку дневни политички изјави, бидејќи истите бараат одржливо решение кое е во тек“, посочуваат од Општина Тетово.

Иако Попова Шапка е во делот на Националниот парк „Шар Планина“, во последно време бројните градби предизвикуваат вистински урбанистички хаос.