Се зголемува динамиката околу македонско-бугарскиот спор со наближувањето на 14 декември

0
19

Очекувањата се дека новата влада во Софија, за чија програма се уште дебатираат потенцијалните партнери, ќе донесе, ако ништо друго, барем поконструктивен пристап во разговорите во Скопје.

Денеска во Стразбур за ова прашање разговарале германскиот и бугарскиот претседател, Франк Валтер Штајнмаер и Румен Радев.

„Шефот на бугарската држава изрази очекување за активен билатерален дијалог на високо ниво со Република Северна Македонија во кој ќе се решат спорните прашања во билатералните односи. Румен Радев посочи дека нашиот сосед треба да покаже европска зрелост и почитување на вредностите на ЕУ со преземање конкретни активности…“, соопштуваат од кабинетот на Радев.

Активностите кои се наведуваат во соопштението се познати од претходно – „запирање на говорот на омраза кон Бугарија, запирање на фалсификувањето на културата и историското наследство, како и почитување на правата на граѓаните кои се декларираат за Бугари. Не е споменато менувањето на Уставот и вметнувањето на бугарската заедница, нешто што самиот Радев го вклучи како дополнителна точка во пакетот за деблокада на ЕУ интеграциите.

Очекувањата се дека новата влада во Софија, за чија програма се уште дебатираат потенцијалните партнери, ќе донесе, ако ништо друго, барем поконструктивен пристап во разговорите во Скопје. И бугарскиот амбасадор во земјава се надева на компромис.

„Разговорите продолжуваат, тие никогаш не запреле и се водат доверливо меѓу двете министерства за надворешни работи. Се надевам дека ние ќе добиеме нова влада. Утре е првата сесија на новиот Парламент на Бугарија и се надеваме дека новата политичка влада ќе постигне договор со Владата на Северна Македонија.“, вели Ангел Ангелов, амбасадор на Бугарија во Северна Македонија.

Во меѓувреме, колегите на Ангелов – амбасадори на земјите членки на Унијата, на настан на кој се зборуваше за иднината на Европа, пратија пораки дека Софија треба да ја „дигне рампата“ пред која чекаат и Скопје и Тирана.

„Ги поддржувавме, ги поддржуваме и ќе ги поддржуваме сите напори за зачленување на сите земји од западен Балкан во ЕУ. Како земја преземавме многу чекори за да има почеток на пристапните преговори што е можно поскоро. Нашите претставници многу гласно ја поддржуваа оваа идеја на сите Совети на ЕУ и тоа ќе прават и на наредниот на 14 декември.“, коментира Мирослав Томан, амбасадор на Чешка во Северна Македонија.

Унгарската позиција е дека ЕУ има поголема корист од проширувањето отколку самите земји кандидатки. Затоа, ние, на секој форум туркаме за натамошно проширување, како и за тоа проширувањето да остане високо на агендата на ЕУ. Ние сме уверени дека земјите од Западен Балкан, ако ги исполнат условите за членство, треба да станат членки.“, вели Ласло Иштван, амбасадор на Унгарија во Северна Македонија.

Други амбасадори побараа, и покрај блокадата, забрзување на реформите.

„Албанија и Северна Македонија треба да ги забрзаат реформите, и ќе ја парафразирам поговорката `помогнете си самите и Господ ќе ви помогне` во `помогнете си самите и ЕУ ќе ви помогне`.“, додава Хенрик Маркуш, амбасадор на Словачка во Северна Македонија.

Некои од присутните аргументираа зошто, од геостратешки причини, Унијата мора да го заврши процесот на приклучување на Западен Балкан.

„Главната причина е дека не сакаме дестабилизација на Западен Балкан и овозможување присуство на други играчи кои не се загрижени за демократија и човекови права. Ако ЕУ силно не биде овде присутна, тогаш ќе се овозможио влез на други кои може да го дестабилизираат регионот, а и Северна Македонија.“, вели Војцијех Тињиљски, амбасадор на Полска во Северна Македонија.

И актуелната американска администрација силно притиска за старт на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Овој процес, според Вашингтон, ќе овозможи стабилност и безбедност во регионот и ќе придонесе за просперитет за граѓаните