Фактор.мк: БЕГ бара поскапување на парното за 300%

0
33

Драматични вести доаѓаат за корисниците на парно греење во Скопје. Балкан Енерџи Груп бара цената на парното да се зголеми за 300 отсто веќе од први јануари следната година, дознава Фактор.

Во барањето кое го доставиле до Регулаторната комисија за енергетика тие наведуваат дека цената на гасот им е драстично зголемена, односно токму за 300 проценти, во однос на јули минатата година кога РКЕ ја донесе последната одлука за цената на топлинската енергија.

Колкаво зголемување ќе одобри РКЕ не е познато, но укажуваат дека земјава нема домашно производство на гас и тој се набавува единствено од увоз, а цената на светските берзи е драматична.

Официјално од Регулаторната комисија за енергетика велат дека колку точно ќе поскапи парното ќе се знае кога БЕГ ќе достават докази за тоа по која цена ќе го склучат договорот за набавка на гас за следниот период. Барањето на БЕГ сега им е вратено, а за зголемувањето ќе се одлучува кога ќе се достават бараните докази од страна на регулаторот.

Инаку, БЕГ има резервирано количини на гас само до крајот на годинава или нешто малку од почетокот на наредната година, а потоа ќе мора да набави нов количини кои ќе бидат по драстично повисоки цени.