ЈАНКУЛОСКА СВЕДОЧЕШЕ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ: ИМАШЕ МАСИВНИ СЕФОВИ ОД 1,5 МЕТРИ ВО СЕДИШТЕТО НА ПАРТИЈАТА

0
18

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ги договараше начинот и условите како да се реализира тоа кога некој ќе сакаше финансиски да и’ помогне на партијата, сведочеше, меѓудругото, поранешната генерална секретарка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска пред скопскиот Кривичен суд на денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“.

„Претседателот на партијата во тоа време, како и сега, е најголем авторитет. Луѓето секогаш сакаа да се видат со него. Се случуваше да ме повика и да ме извести ‘тој и тој сака да ѝ помогне на партијата со толкав и толкав износ’. Дел од донаторите, пак парите му ги даваа на претседателот.“ – Гордана Јанкулоска сведок.

Таа сведочеше дека додека била генерален секретар во нејзината канцеларија во партијата имало два сефа, од кои во едниот се чувале пари за дневно функционирање на партијата а другиот не само што не се отворал туку и таа не ја знаела шифрата. Јанкулоска потенцираше дека за донациите се водела неформална евиденција, а на некои донатори им давале и каса прими.

„Јас имав сознанија и евиденција за тоа колку пари мене ќе ми бидат предадени, а дали се разговарало за повеќе или помалку пари не знам.“ – Гордана Јанкулоска сведок.

Слично сведочеше и бившиот директор на ЕЛЕМ и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2005 до 2010 година, Влатко Чингоски кој, меѓудругото кажа дека, на два пати се погодил во канцеларијата на тогашниот генерален секретар, Кирил Божиновски кога забележал дека еден од двата сефови бил подотворен.  Со оглед дека бил врска на централата со неколку општински комитети на партијата се случувало да добива пакети во неговата канцеларија во ЕЛЕМ кои му ги предавал на Божиновски.

„Она што мене ми стана сомнително беше еден телефонски разговор кога ми напомена дека содржината на документите не соодветствува со неговите очекувања. Притоа, спомена некакви бројки, цифри, што ме зачуди и ме наведе на тоа дека покрај документацијата има и нешто друго што асоцира на пари. Бев крајно разочаран од таа постапка. Во прва прилика се обидов да разговарам со Божиновски и да напоменам дека тоа е неприфатливо и не сакам да се случува во иднина. Разговарав и со Груевски кој првично се зачуди но ми кажа дека покрај тоа што треба да се грижиме за институциите што ги водиме, имаме и партиски задолженија што треба да ги реализираме.“ – Влатко Чингоски сведок.

А денеска сведочеше и еден од најблиските соработници на Груевски,  Мартин Протуѓер кој појасни дека иако како тогашен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ бил задолжен и за финансирањето на партијата, сепак, тој не се мешал во таа работа туку тоа го правеле други партиски органи.

Освен ова, Протуѓер сведочеше и дека Груевски му кажал дека сака да живее во куќа во скопската наслеба Сопиште но и дека му спомнал дека околу 2012 година купил земјиште на Водно.

„Кога тогашната опозиција ја отвори темата за плацевите на Водно, помислив дека се работи за истото земјиште. Но кога разговаравме рече, не е точно, демантирајте. Ние испративме демант, а потоа и тој лично дрмантираше. Не ми кажа што планирал со тоа земјиште, јас помислив дека е за живеење, но тој никогаш не го спомна тоа.“ – Мартин Протуѓер сведок.

Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.

Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница.