16 позитивни затвореници во битолскиот затвор откако од ковид почина затворскиот готвач

0
33

Вработен во битолскиот затвор почина, а од 20 тестирани осуденици 16 се позитивни на Ковид 19. Директорот на затворот, Драган Крајовски вели дека се преземени сите мерки, а во текот на денешниот ден осудениците ќе остварат контакт со своите матични лекари. На 24 декември направено е интервју со сите позитивни од епидемиолог, а добиле напатствија секој кој ќе се пожали на симптоми да се носи на тестирање. Крајовски вели дека позитивните осуденици се изолирани во затворот, а начинот на лекување е како домашно лекување.

– Имаме 20 тестирања, 16 се позитивни, предложено е нивно лекување во домашни услови, нормално во затворот, изолирани од другите изолирани лица, со редовни контроли од затворскиот медицински персонал, само едно лице се спроведува до Клиничка болница наутро и напладне за инфузија, сето по напатствија на епидемиологот. Зајакнато е со хигиенски средства, набавени се апаратчиња за мерење сатурација предадени наосудените, вели Драган Крајовски, директор на КПУ Затвор Битола.

Од Клиничка болница Битола велат дека на 22 декември починатото лице, вработен како помошник готвач во затворот, бил докажан позитивен, имало прв преглед, дадена му била соодветна терапија, а на 24 декември поради влошување на состојбата бил хоспитализиран во тешка состојба и лоши лабораториски резултати. Му била дадена интензивна соодветна терапија, бил поставен на перманентна кислородна поддршка, а била извршена и реанимација.

-На 25 декември почина во раните утрински часови, десетина дена имал симптоматологија, одбивал тестирања и да се лекува. Во одделението за инфективни болести, секако е карантинско одделение,  постојат услови за хоспитализирање на вакви пациенти, каде се обезбедени соби на приземјето, ова не е прв случај и во други случаи се примале пациенти кои барале третман под вакви услови, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

Гагачовска вели дека другите позитивни осуденици се со полесна клиничка слика, а еден прима два пати во денот инфузија во дневна болница. Во затворот во Битола во моментот има околу 100 осуденици.