Mијалков излегува од Шутка

Апелацискиот суд ја прифати жалбата на одбраната на Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК, за притворот во случајот „Плацови на Водно“. Се очекува Мијалков денеска да излезе од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде што тој ја издржува мерката притвор.

Гаранцијата за тоа дека нема да бега е 11 милиони евра во имот. Оваа гаранција веќе беше понудена и за притворот во случајот „Трезор“. За овој случај Мијалков доби првостепена пресуда од осум години затвор.

Апелацискиот суд за случајот „Трезор“ минатата недела ја прифати гаранцијата и го укина притворот, но истиот ден по итна постапка, за случајот „Плацеви на Водно“, на предлог на обвинителката Лиле Стефанова беше побаран притвор за Сашо Мијалков од 30 дена и веднаш беше прифатен од кривичниот совет на Основниот кривичен суд. И во случајот „Плацеви за Водно“ Мијалков е еден од обвинетите, заедно со Никола Груевски и Орце Камчев.