Газди „заборавиле“ да ги пријават работниците што им работат во недела за една ипол дневница, инспекторите ги потсетија

Вкупно 129 трудови инспектори, колку што ги има во државата, во неделата тргнаа во прва обиколка на компаниите, за да проверат дали и како се почитува законската обврска за неработен ден која е во сила од почетокот на годинава. Не се проверуваа само трговците, зашто недела неработен ден за нив важи од вчера, а ќе се реализира од неделата што доаѓа.

Според директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, контролите покажале дека одредбите од Законот за работни односи според кои недела е ден за одмор на 92 процента од вработените и платен со една ипол дневница за оние осум проценти кои ќе работат, генерално се почитуваат. Не е откриено да работи ниту една компанија која треба да биде затворена во недела, а од оние на кои им е дозволено да работат, девет не ја исполниле обврската тоа да го пријават во ДИТ.

-Првата контрола покажа дека Законот генерално се почитува. Изречени се девет инспекциски мерки решение за опомена, според член 134, став 7, од Законот за работни односи. Опомените се за работодавци кои имале право да работат во недела, но не го известиле ДИТ дека ќе работат. Тие имаат обврска да ни го достават образецот за работа во недела. Во контролите не е откриено да работи ниту една фирма која во недела треба да е затворена, изјави Тренчевска за весникот ВЕЧЕР.

Таа појаснува дека пријавите за работа во недела се битни затоа што во февруари, кога ќе се исплатува јануарската плата ќе се проверува дали на оние кои работеле во недела им е исплатена дневница како што е законски предвидено, односно за 50 до 100 проценти повисока од редовната.

Образецот за пријавување работа во недела, вели Тренчевска не е голема обврска за работодавците, зашто се поднесува еднаш годишно. Може да се најде на веб-страницата на ДИТ, треба да се пополни со бараните податоци за компанијата, нејзината дејност, одговорното лице, работните места и бројот на работници кои ќе бидат ангажирани во недела,  работното време и да се испрати електронски.

Во неделата што доаѓа инспекторите ќе имаат повеќе работа, зашто ќе одат во проверка и на трговските објекти. Тренчевска вели дека бројот на трудови инспектори задоволува, зашто во трговијата ингеренции имаа и пазарниот инспекторат, па обиколката ќе ја прават заедно. Исто така, таа информира дека дел од трудовите инспектори годинава ќе заминат во пензија, но Инспекторат ќе добие 27 нови за чие вработување е добиено одобрение.

Инаку, за прекршување на законските одредби кои се однесуваат за недела како неработен ден предвидено е затворање на објектот за период од 15 дена, а има и парична казна која во зависност од големината на субјектот се движи од 400 до 1.000 евра. Тренчевска вели дека инспекторите во понатамошните контроли нема да делат опомени, туку директно ќе казнуваат.

Во Законот за работни односи се наброени четириесетина дејности во кои може да се работи во недела зашто процесот не смее да запре. Меѓу другите во недела можат да работат одгледувачите на животни, рудниците, печатењето и издавањето на весници, пекарите, фармацевтите, металната индустрија, комуналните претпријатија, угостителите, филмската дејност, дејностите за видео и телевизиска програма, емитувањето на програма, телекомуникациите, фотографите, ветеринарите, лизингот, кол центрите, потоа полицијата, пожарникарите, дел од јавните служби, судските и правосудни дејности, здравството, царината на граница, погребалните претпријатија и други. На работниците во тие дејности за работа во недела им следува една ипол дневница и слободен ден во наредните седум дена.

Според Законот за трговија во недела можат да работат специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места, продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун, продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 квадрати, штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата, како и зелените пазари. Моловите имаат ново работно време во недела, од 10 до 20 часот, а два процента од прометот што ќе го остварат ќе го уплатуваат во буџетот на државата за изградба на детски градинки. Додатокот на плата за работа во недела и на празници во трговијата изнесува најмалку 100 проценти, а работниците исто така, покрај зголемената дневница добиваат и еден слободен ден во наредните седум дена.

Од можноста да работат во недела се исклучени маркетите, освен оние во големите молови, па во пресрет на неделата што доаѓа, од кога ќе се применуваат новите правила, продавниците на некои од бензинските пумпи викендов за првпат се снабдија со леб и го зголемија асортиманот на прехранбени производи. Во продавниците на зелените пазари, пак, на 31 декември беа поделени решенија со кои работното време им се ограничи до 14 часот, додека тезгите ќе си работат како вообичаено. Дел од маркетите во неделата не отворија, неинформирани дека забраната за работа а за нив стартува од наредната недела. Сојузот на синдикатите на Македонија потсети дека  според Општиот колективен договор за приватниот сектор работа на празник се плаќа дополнителни 150 проценти или вкупно 250 проценти за секој час поминат на работа.

 

Додека на реализацијата на недела како неработен ден се радуваат работниците и синдикатите, работодавците негодуваат. Велат дека ќе дојде до намалување на приходите и отпуштање на работници. Вчера реагираше и првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Тој забележа дека бргу ќе се види дека нема ефекти од недела неработен ден и ќе се повлече.

Во земјите од регионот, како и во голем број европски земји недела одамна е неработен ден. За разлика од кај нас во трговијата таму не работат ни моловите.

Вечер