Земјотресот оштети градинки во Битола, нема повредени лица

Нема повредени лица за време на синоќешниот силен земјотрес што беше почувствуван во Битола. Се формира комисија за проценка на штетите, која ќе биде составена од стручни служби од Општина Битола, потпомогнати од ИЗИС.

Оштетувања на ѕидовите се забележани во две градинки. Битолскиот градоначалник, Тони Коњановски рече дека стапил во контакт со директорките, а штетата дополнително ќе се утврдува.

„Во една од градинките, Мајски цвет, односно нејзиниот клон кај Симпо, директорката ја ставила вон употреба, останува стручен тим да ја утврди штетата, во интерес на децата, што побрзо да може објектот да се стави во функција“, истакна градоначалникот.

Коњановски упати апел до граѓаните сите штети кои ги имаат да ги пријават до општината.

Тој синоќа беше на терен заедно со дел од кризниот штаб, како и дел од советниците од Советот во градот.

„Затекнавме паника што е нормално во вакви ситуации, граѓаните беа излезени, посебно од колективните згради, висококатниците, но и сите други граѓани. Се обративме, првично во Службата за итна медицинска помош, како и единицата за противпожарна заштита. За среќа немаше повици за повредени и за материјални штети во првичните моменти“, рече Коњановски.

Земјотресот предизвика оштетувања и во зградата на Клиничката болница во градот.