Изет Меџити од ДУИ нема да гласа за новата влада

Новата влада на чело со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, за која викендов расправаат пратениците, се очекува вечерва да биде изгласана од страна на пратениците од парламентарното мнозинство.

Меѓутоа, според информации на Фокус, владата нема да ја добие поддршката од сите 64 пратеници, колку што имаат СДСМ, ДУИ, Алтернатива и „помалите“ владејачки партнери.

Неофицијално, пратеникот на ДУИ Изет Меџити денес воопшто не е присутен во парламентот и нема да учествува во гласањето за нова влада, бидејќи не се согласува со дел од кадровските решенија за министри што доаѓаат од неговата партија.

Како што е познато, поранешниот градоначалник на Чаир и координатор на пратеничката група на „интегративците“ јавно се спротивставуваше кон изборот на сопартијците Артан Груби за министер за политички систем и на Бујар Османи за надворешни работи.

Притоа, тој посочуваше дека Груби и Османи, кои доаѓаат од Чаир, каде партискиот огранок го води токму Меџити, немаат поддршка од базата и граѓаните за да бидат дел од политичка влада.

Во пресрет на локалните избори, тој прекина јавно да испорачува критики кон сопартијците, меѓутоа тоа било само привремено, ако се суди според неговата одлука денес да не ја поддржи владата.

Високи партиски извори велат дека за овие разлики и несогласувања повторно ќе се отвори дебата во рамки на партиските органи.