Македонците од Бугарија порачуваат: Откажувањето од малцинството е предавство

Би било голем срам и предавство доколку Македонија се откаже од своите сонародници во Бугарија, велат од ОМО Илинден Пирин. Оттаму укажуваат дека е парадоксално тоа што и новата влада на Петков инсистира на  почитување на  правата на Бугарите во Македонија, а од друга страна Македонците во Бугарија на секој чекор се дискриминирани и негирани. Дилемата дали има место во бугарскиот Устав за малцинствата е лажна, вели првиот човек на организацијата на Македонците во Бугарија Стојков, потсетувајќи на изјавата на Петков дека македонско малцинство во Бугарија не постои.

Од ОМО Илинден Пирин не се револтирани само од бугарскиот однос, туку и од незаинтересираноста на македонските власти. Стојков од владата во Скопје бара да покаже интегритет и да не отстапува од идентитетот и своето малцинство во моментов кога ЕУ и САД вршат силен притисок врз двете страни да се деблокира процесот.

Организацијата и покрај десетина пресуди од Европскиот суд за човекови права се уште не може да се регистрира како политичка партија во Бугарија. ОМО Илинден Пирин побарале и состанок со премиерот Петков но биле одбиени, а им било посочено дека комуникацијата може да се одвива само по писмен пат. Велат дека очекуваат наскоро да се оствари средбата со македонскиот претседател, која беше одложена поради пандемијата.