Мета: Не сакаме и не работиме за одвојување на Македонија од Албанија на патот кон ЕУ

Работиме и силно се трудиме двете држави заедно да ги започнат преговорите за членство, а во периодот кој доаѓа ќе ги интензивираме нашите напорите за тоа да се реализира, истакна Мета на предавањето во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците

-Мислам дека Европската Унија повеќе не треба да го загрозува нејзиниот кредибилитет, но мораме да ги најдеме сите начини, и сите средства за да ги отвориме преговорите за Македонија и Албанија и да гарантираме визна либерализација за граѓаните на Косово кои се уште не го уживаат ова право.- Илир Мета – Претседател на Албанија.

Евроинтеграциите на двете земји и билатералните односи биле тема и на средбата Пендаровски – Мета на која како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, двајцата Претседатели констатирале дека потребна е деблокада на процесот и почеток на преговори за Скопје и Тирана час поскоро.

-Во контекст на аспирациите за членство во Европската Унија, двајцата претседатели ја констатираа потребата за деблокирање на процесот и скорешен почеток на пристапните преговори на двете држави за членство во Европската Унија, што според нив, ќе има позитивен придонес за севкупниот напредок и стабилноста на регионот. – стои во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Прашањето за евентуалното одвојување на Македонија и Албанија во процесот на преговори, минатата година го спомена Еврокомесарот Оливер Вархеји кој кажа дека доколку продолжи бугарското вето, неизбежно би било двете земји да започнат преговори посебно. Албанскиот премиер Еди Рама пак во новогодишното обраќање порача дека официјална Тирана би побарала издвојување од Македонија доколку во првите шест месеци од годинава се потврди бугарското вето за земјава, став кој не го дели претседателот Mета.