Меџити е незадоволен од одлуките во ДУИ, неизвесно дали ќе гласа за нова Влада

Пратеникот и потпретседател на ДУИ Изет Меџити е неизвесно дали ќе даде поддршка за избор на нова Влада под раководство на Димитар Ковачевски. Тој е отсутен од расправата во Собранието на Македонија, а во парламентарните клупи беше вчера кусо по отворањето на седницата на која единствената точка на дневниот ред е избор на Влада. Владејачкото мнозинство и без неговиот глас ќе брои 63 пратеници, за двајца повеќе од доволно за да биде изгласана Владата, под услов сите да се присутни и да гласаат ЗА.

За повеќе медиуми на албански јазик Меџити потврди дека поради отсуство од Скопје не е во Собранието на Македонија. Некои од медиумите пренесуваат дека на прашањето дали ќе дојде за гласањето и дали ќе гласа за им изјавил „Ќе видиме“, додека други пренесуваат дека им изјавил дека „нема да гласа“.

„Слободен печат” денеска објави дека Меџити за медиумот изјавил дека нема да гласа за новата влада на Ковачевски. „Тој не сакаше дополнително да образложи зошто не е присутен на собраниската седница за избор на владата, ниту зошто не ѝ дава поддршка“, напиша „Слободен печат“.

ДУИ вчера објави фотографија на која се пратеници и министри од партијата, а на неа не се гледа Меџити.

Кога кон крајот на минатата година се гласаше за недоверба на Владата на Заев, Меџити исто така изразуваше незадоволство, но кога дојде време за гласање, беше присутен во собраниската сала.

Инаку, тој минатата година изразуваше незадоволство поради изборот на нови кадри од редот на ДУИ на високи позиции во државната и локална власт, како и заради маргинализирање на еден од најсилните ограноци – чаирскиот.