НЕ Е ПЕРИОД ЗА ЛИЧНИ ДИСКУСИИ И МОЛЕЊЕ: Министерот Сали за начинот на кој ги покани професорите Пановски, Марковски и Даниловски во Комисијата за заразни болести

Министерот за здравство, Беким Сали, по денешниот настан на Клиниката за детски болести, даде свое објаснување во однос на упатената покана преку Фејсбук кон професорите Никола Пановски, Вело Марковски и Драган Даниловски да бидат дел од ескпертите во Комисијата за заразни болести.

Од понеделникот кога ја преземав функцијата, поголемиот дел од денот го поминувам во обврски поврзани со пандемијата и во настојувања за формирање на нова надградена Комисијата за заразни болести. Не е период за лични дискусии и молење и други начини на покани. Сега е период да се засукаат ракавите и да се справиме со пандемијата. Во минатиот период, Комисијата за заразни болести се состануваше секој вторник, бидејќи тоа се смета за период за евалуација на епидемиолошката недела од понеделник до понеделник. Во однос на поканата, таа е јавна до сите експерти, а во овој случај преку директна објава на Фејсбук ги поканив тројцата почитувани професори: Никола Пановски, Вело Марковски и Драган Даниловски. Во состојба на пандмија, кога сите се бориме против еден вирус мислам дека не треба да пристапуваме со начинот на којшто сме повикани, туку треба да пристапиме позитивно кон поканата и да одговориме, односно да бидеме членови на Комисија или работни групи каде што се судираат  или пак се дикутираат аргументи со цел доаѓање до одредено, можеби привремено, па дури и трајно решение, нагласи Сали.

Истовремено напомена дека има мало зголемување на бројот на пациенти на кои им е потребно болничко лекување, но појасни дека засега има и доволно болнички капацитети и добро организиран медицински кадар.

-Благо покачување на хоспитализациите имаме веќе десет дена, но постојано сме во тек и ја контролираме состојбата. Имаме доволно болнички кревети и од аспект на кадар сме сосема добро организирани и веќе ни останува да се намалува бројот. А веќе има намалување и на бројот на новозаразени. Нови мерки нема да се воведуваат, потенцираше министерот.