Оваа година крстот е за сите во знак на сплотеност и заедништво, порача групата учесници на церемонијата за Богојавление во Скопје

Се одрекуваме од сите материјални награди и Крстот е на сите верници е пораката на капачите кои денес сплотено влегоа во водите на реката Вардар по Светиот крст. За Игор Јакимовски  кој  го фати Светиот крст и учествува по 29 пат најголема желба е здравје и сплотеност на луѓето во овие тешки времиња.

Согласно мерките и препораките поради пандемијата со Ковид 19 , во реката Вардар беше предвидено да влезат  десетина лица кои претходно имале учествувано, лица кои се физички подготвени. Сепак нивната бројка беше над дваесетина.

Чествувањето на големиот христијански празник Богојавление започна во раните утрински часови со литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица. Веднаш по завршувањето на литиите поглаварот на Македонската православна црква г.г Стефан и верниците се упатија кон мостот „Слобода“. Со осветување на водите на Вардар и чинот на положување на Светиот крст продолжи чествувањто на Водици.

На овој ден, според христијанското предание Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.Се верува дека оној кој ќе го фати Светиот крст  ќе го следи среќа и благослов во текот на целата година.  Фаќањето на крстот значи соединување со Христа. Се верува дека со неговото положување во водите тие стануваат лековити,  благословени и носат здравје, среќа и благосостојба..