Од денеска повисоки казни за подигнато возило со „пајак“ во Тетово – зонското паркирање со новите цени од 28 јануари

Општина Тетово информира дека од денеска почнува да се наплаќа зголемен износ доколку неправилно паркирано возило биде подигнато од „пајак“ – службата, а за две недели ќе биде поскапо и зонското паркирање.

-Казната за подигнување на возилото со „пајак“ ќе биде 1 300 денари, додека за преместено возило 1 800 денари. Ве молиме за разбирање и истовремено ве замолуваме да се придржувате на сообраќајните правила како би придонеле заеднички да делуваме за зачувување на редот и мирот на сообраќајниот хаос во градот, велат од Општина Тетово.

Од 28 јануари ќе почне да важи Одлуката на Советот за повисоки цени за зонско паркирање. Цена за зона А ќе биде 40 денари за еден час, додека во зона Б 30 денари. Во затворените паркинзи годишна карта ќе изнесува 3 000 денари.

-Информационите табли се во изработка, истите ќе бидат поставени кога ќе се подобрат временските услови за нивна целосна замена, соопштија од Општина Тетово.

Градоначалникот Биљал Касами вчера на прес-конференција презентираше план за проширување и зголемување на паркинг местата во градот. Се планираат повеќе места за зонско паркирање, нови затворени паркинзи и катни гаражи.

МИА