Подароците за првото новороденче останаа пред врата – На штипскиот градоначалник не му беше дозволено да ја посети родилката во Клиничката болница

Во штипската Клиничка болница изутрината во 9 часот се роди првото новороденче во 2022 година. Станува збор за здраво женско бебе, тешко над 4 килограми, а неговата мајка е од Радовиш.

Но, традиционалната посета и подароци за првороденото бебе годинава во Штип изостанаа. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и претставници од неговиот кабинет доцна попладнево беа пред вратата на Гинекологија и акушерство, но од другата страна никој не им отвори. Образложението е дека има посебни протоколи, а директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев најави дека на прес-конференција утре ќе образложи,зошто градоначалникот со подароците не влегол на одделението. Неофицијална причина за овој преседан е тоа што од раѓањето на бебето поминале само четири часа. Според штипскиот градоначалник еден убав настан, се претворил во политичко препукување и реваншизам.

-Иако уредно најавени, со одобрение од дежурниот доктор и родилката, со традиционални подароци за првата среќа во нашиот град за оваа година, сепак по наредба на директорот, некултурно и дрско бевме оставени пред вратата на Акушерското одделение. Односно, наместо раководните лица годинава да смислеа како да се заврши Клиничката болница, наместо да внимаваа да не се изгубат парите за неа, очигледно повеќе енергија трошат како да унесреќат уште еден недолжен сограѓанин и во најсветлите моменти за него, вели Јорданов.

 

Токму овој преседен во сенка ја фрли и веста дека на истокот се раѓаат се помалку бебиња, додека морталитетот е зголемен. Минатата година на акушерското одделение во Штип се родиле 618 бебиња, речиси двојно помалку од пред десеттина години.