Почина Аки Рахимовски, фронтмен на групата „Парни Ваљак“

Денеска на 67- годишна возраст почина пејачот Аки Рахимовски, објавија хрватските медиуми.

Тажната вест е потврдена на официјалната Фејсбук страница на групата „Парни ваљак“

„За малку нежност ќе се согласам на се, за малку нежност за да заспијам.“

Неговиот менаџер изјави дека на Аки му се слошило денеска.

– Утрово му се слоши, заврши во болницата во Ново Место. Пред еден час ми рекоа дека починал, се уште не ја знаеме причината за смртта – рече Осредечки.

Александар Аки Рахимовски е роден на 5 јуни 1955 година во Ниш, но набрзо со семејството се преселил во Скопје. Бидејќи неговиот татко бил професор по музика, на седумгодишна возраст започнал музичко училиште, клавир и отсек за пеење.

Како тинејџер членувал во неколку бендови, од кои некои се групата Вакуум, Блад брадерс и Тор, со кои настапувал на фестивалот во Загреб во 1975 година. Истата година се запознава со гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ Хус и Јурица Паѓен. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек Миха ја основаа првата постава на Парни ваљак.