Почина Марјан Додовски, поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ

Синоќа на државната клиника почина Марјан Додовски, поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ и професор на отсегот географија на Природно-математичкиот факултет.

Веста ја соопшти неговата поранешна сопруга Иванка Василевска, актуелна пратеничка во Собранието.

Додовски беше поранешен министер за животна средина, а последната функција што ја извршуваше како кадар на ВМРО-ДПМНЕ беше директор на загубарот „Еурокомпозит“ до 2017.

Од 2005 година е член на Советот на град Скопје, а пратеник во во Собранието од 2006 до 2008 година. Во октомври 2009 година е избран за претседател на ВМРО-НП, а од февруари 2012 година преминува во ВМРО-ДПМНЕ. Неговото враќање во ВМРО-ДПМНЕ имаше статус на политички скандал во јавноста во тој период.

 

„Марјан беше голем и посветен борец за Македонија, прв министер за животна средина и просторно планирање на ВМРО-ДПМНЕ, во својата плодна кариера извршуваше бројни партиски и државни функции но, пред се и најважно од се тој беше татко на мојата, на нашата Марија Додовска.

Не остави во голема жалост, а Македонија изгуби голем човек.

Марјан почивај во мир!“, напиша Василевска.