Пошта со акција по повод роденденот на Тоше Проески – може да купите марка, конверт и карта

АД „Пошта на Северна Македонија“ по повод роденденот на Тоше Проески, 25 јануари започнува акција – „Во чест и сеќавање на Тоше“ преку која може да се купи поштенска марка, ФДЦ коверт, максимум карта и масовен коверт.

Како што појаснија од Поштата, филателистичките производи ќе може да се нарачаат онлајн, преку електронската продавница на Пошта.

 

 

– Поштенските марки се вечен паметник. Таква е и поштенската марка посветена на Тоше Проески која Пошта ја издаде во чест на нашата најголема музичка ѕвезда. Марката (фотографија на Дарко Мораитов), за првпат во историјата на Македонија е испечатена во еден милион примероци, со номинална вредност од 12 денари. Оваа марка, која беше промовирана на 15 декември 2007 година, патува низ светот како што патува и неговата музика и неговата песна, се вели во соопштението.

Да се потсетиме, додаваат, на Тоше и да испратиме картичка со поштенска марка, со ликот на Тоше, на наш пријател или до Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево и да напишеме колку ни значи Тоше.

– Да покажеме дека и сите ние, го сакаме исто толку, колку што тој нè сакаше нас!, се наведува во соопштението.