Преку фејсбук покани не примаме, му одговорија Пановски, Даниловски и Марковски на министерот

Универзитетските професори Наум Пановски, Драган Даниловски и Вело Марковски го одбија министерот за здравство Беким Сали да бидат дел од Комисијата за заразни болести. Министерот Сали оваа покана вчера ја објави преку својот фејсбук-профил. Тоа не се прави преку фејсбук, му порачаа на министерот докторите.

 

Се знае како се прави тоа, оваа не е начин, одговорија Наум Пановски и Вело Марковски. Даниловски неодамна изјави дека Комисијата треба да носи извршни одлуки, а не заклучоци кои потоа треба да станат извршни со владина одлука.

За начинот на функционирање на Комисијата за заразни болести и Марковски смета дека одлуките на Комисијата треба да бидат задолжителни, а не да биде само советодавно тело на министерот.

Пановски вели дека нема никаков проблем да го советува првиот човек во здравството, но сепак начинот на кој е поканет не заслужува да се коментира. Во комисија на овој начин не се влегува, јавната покана за мене е беспредметна да се коментира, вели Пановски.