Притворен возачот од несреќата кај „Сити Мол“, лани добил возачка

Сообраќајката вчера кај трговскиот центар „Сити мол“ ја потресе јавноста. Преминувањето на пешачки премин беше кобен за младата 24 годишна девојка од Радовиш која загина. Повреден е уште еден пешак исто од Радовиш кој е во болница. Во нив удри 22 годишен возач на автомобил „Цитроен“. Алсат дојде до информација дека станува збор за возач – почетник.

Според информациите, тој добил возачка дозвола само пред една година, но моќноста на возилото било во рамките на дозволеното за почетник. Од возачот е земен примерок од крв и урина за да се утврди дали бил под дејство на алкохол или дроги. Но, непосредно по несреќата семафорите на раскрсницата кај Сити мол воопшто не работеа, а потоа беше вклучено само жолтото светло.

Сега останува дилемата дали воопшто работеле семафорите во моментот на несреќата и кој евентуално поминал на црвено?

„За сите детали од истрагата ќе се обратите во Обвинителството. Ние постапуваме по насока на обвинителот, ги собираме сите докази и ги доставуваме соодветно до Обвинителството…“, рече Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Од обвинителството не кажуваат дали семафорите работеле и дали некој поминал на црвено светло.

„Издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот на местото каде се случи несреќата“, наведоа од Обвинителството.

Инаку, возачот бил веднаш приведен и му се спрема кривична пријава. Според Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, речиси секогаш човечкиот фактор е причина за сообраќајките, пред сè брзината.

„Во Европската Унија веќе има најава и иницијатива брзината на движењето во градските средини да се намали на 30 километри на час, бидејќи што поспоро возите, имате поголеми шанси да закочите при евентуални несакани последици“, рече Дејан Андоновиќ, Портпарол на РСБСП.

Само лани полицијата кај нас регистрирала повеќе од 100.000 возачи кои возеле брзо. Имало и случај кога возило се движело со 300 километри на час.