Радев: РСМ не направи доволно за преговорите

Бугарскиот Претседател, Румен Радев по одржувањето на Советодавниот совет за национална безбедност рече дека Северна Македонија не го направила потребното за спроведување на Договорот за добрососедство, па поради тоа и евроинтеграциите на земјата се во застој. Радев додаде дека преговарачкиот процес меѓу Софија и Скопје не треба да се ограничува со рокови, туку со извршување на обврските предвидени со договорот. Правата на македонските Бугари не можат да бидат тема на дебата на маса, истакнува шефот на Бугарија, Радев.

-Утврдено е дека четири години по потпишувањето на договорот во 2017 година, земјата-кандидат не го направила потребното за нејзино спроведување и не дава гаранции за спроведување на преземените обврски. Давањето согласност за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ не треба да биде врзано со рокови, туку со постигнување реални резултати, вклучително, морам да нагласам, во однос на правата на македонските Бугари, вели Румен Радев.

Прашањето со Бугарија е дел и од новата владина програма на мандатарот Димитар Ковачевски, кој потврди дека решавањето на спорот со Бугарија не е фокусирано на конкретни датуми.

Во Бугарија е потврдено дека Албанија може да ги стартува пристапните преговори со ЕУ, но албанскиот Претседател, Илир Мета во „Клик Плус“, рече дека не би сакал Албанија и Македонија да се одвојат на патот кон Унијата.

-Верувам дека многу брзо ќе заминам и во Бугарија, за да му ја вратам посетата на Претседателот Радев кој беше реизбран и за да видиме што можеме да направиме во овој правец. Мојот последен став нема никаква врска со желбата за одвојување од Македонија, туку со желбата Албанија да ги отвори преговорите што е можно поскоро. Силно посакуваме тоа да се случи заедно со Македонија, рече Мета.

Но, премиерот на Албанија, Еди Рама пред неколку недели рече дека ако во наредните 6 месеци не се реши македонско-бугарскиот спор, тогаш ќе побара Албанија да се одвои од пакетот со Северна Македонија. Според експертите за надворешна политика, до тоа нема да дојде, поради тоа што политиките за проширување се кројат со консензус меѓу земјите-членки на ЕУ, а ваквата поделба на Македонија и Албанија би била во корист само на Бугарија и на ниту една друга земја.