Русија испраќа падобранци на помош на претседателот на Казахстан

Казахстан во средата прогласи вонредна состојба на целата територија по протестите предизвикани од зголемувањето на цената на плинот што предизвика бунт со загинати и повредени, а претседателот Токаев, кој првично ја распушти владата и се откажа од поскапувањето, ги обвини демонстрантите за тероризам поддржан од Западот и побара помош од воениот сојуз кој обединува дел од државите од поранешниот Советски Сојуз.

Секретаријатот на Советот за колективна безбедност на ЦСТО, воениот сојуз на Русија, Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан, во четвртокот вечер објави дека испраќа војници да му помогнат на казахстанскиот претседател, без да го прецизира бројот.

Руски падобранци се транспортираат во Казахстан и „првите единици од тој контингент веќе почнаа да ги извршуваат задачите што им беа доделени“, се наведува.

Непроверени видеа на социјалните мрежи покажуваат војници кои патролираат по улиците на Алмати, пукотници од огнено оружје и масовни грабежи низ градот.

Полицијата соопшти дека убила десетици бунтовници во најголемиот град Алмати, а државната телевизија јавува дека во протестите биле убиени 13 припадници на безбедносните сили, од кои двајца биле обезглавени.

Дописници на Ројтерс од Алмати во средата јавија дека демонстрантите ја запалиле зградата на претседателската резиденција и зградата на канцеларијата на градоначалникот.

Во четвртокот попладне, по локално време, аеродромот во Алмати, кој претходно беше окупиран од демонстранти, беше вратен под силна воена контрола. Остатоци од опожарени возила лежат на патиштата.

Во четвртокот наутро, неколку оклопни возила и возила за транспорт на војници влегле во градот, а истрели одекнувале додека армијата се приближувала кон толпата, јавуваат дописниците на Ројтерс од местото на настанот.

Подоцна плоштадот бил речиси испразнет со само 200 до 300 демонстранти.

Интернетот е исклучен низ целата земја и невозможно е да се добие вистинска слика за состојбата на протестите какви немало во историјата на Казахстан, со кој со железна рака владееше поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев (81), речиси три децении по распадот на Советскиот Сојуз.