Шаќири од ДУТ-Тетово најави посети на универзитетите за да ги слушне нивните потреби

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири со посета на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) почнува циклус на средби со раководствата на високообразовните институции со цел да ги слушне нивните потреби за во иднина, како и достигнувањата во академската работа. Вакви средби, како што најави, ќе има прво со државните, а потоа и со останатите универзитети.

–Ваквите состаноци или средби се со една цел – да сме поблиску до институциите, во конкретниот случај до високообразовните институции, за одблиску да ги слушнеме потребите, проблемите, предизвиците, но исто така да ги слушнеме и успесите што ги имаат сите високообразовни институции. Денеска реализиравме средба со ректорот на Универзитетот во Тетово каде го почнавме разговорот во врска со состојбата со Ковид-19. Универзитетот во Тетово во претходниот период, но и за наредниот период, успешно е подготвен да се справи со оваа проблематика. Главната цел – наставата е реализирана и во претходниот период, но и за наредниот период, е предвидено да се реализира, реализирани неколку научни конференции според предвидените протоколи. Можам да заклучам дека Универзитетот во Тетово е подготвен за предизвикот кој го има во наредниот период, рече Шаќири на прес-конференција по состанокот во ректорската управа на ДУТ.

Со претставниците на ректорската управа министерот разговарал и за инфрасктруктурата и истакна дека ќе се заложи да им се помогне на сите високообразовни институции со оглед дека тие имаат важна цел – да го подигнат квалитетот на високото образование и да подготват кадри за пазарот на трудот.

Ректорот на ДУТ Решат Ќахили изјави дека му било чест што министерот за образование и наука денеска го посетил нивниот Универзитет и дека разговорале во добра атмосфера за многу проблеми што ги има Универзитетот и воопшто високото образование.

– Една од темите на денешниот разговор беше и Студентскиот дом кој веќе е при крај, но за да биде готов за идната академска година треба уште средства. Министерот изрази подготвеност кога ќе има ребаланс на Буџетот во мај или во јуни да се предвидат средства, така што Студентскиот дом да биде готов за студентите, изјави Ќахили.

Министерот Шаќири истакна дека институциите секојдневно ќе бидат во комуникација околу одлуките како ќе се одвива наставата во понатамошниот дел од година во сите нивоа на образование. /МИА