Арсовска: Исчистивме 150 диви депонии низ Скопје, ако има уште, пријавете ги

0
36

Чистењето на дивите депонии на територијата на Град Скопје е еден од проектите за коишто скопската градоначалничка Данела Арсовска рече дека се исполнети во првите 82 дена од нејзиното раководење со главниот град. Таа рече дека во текот на предизборието мапирале 120 диви депонии низ целиот град, а досега успеале да исчистат над 150. Арсовска изјави дека за првпат со децении во Скопје се спровела акција за чистење на дивите депонии, коишто претставуваа извор за загадување на воздухот, на почвата и на подземните води.

„На дел од нив се планирани нови зелени површини, а градот започна и со зачестени контроли на редовен и вонреден неселективен инспекциски надзор и со воспоставување на системски решенија“, рече Арсовска.

Таа предупреди дека секое лице што ќе загадува со фрлање и согорување на шут ќе биде казнето со високи глоби.

Сепак, и градоначалничката, но и медиумите денеска констатираа дека постојат диви депонии коишто треба да допрва да се исчистат во Скопје. Данела Арсовска рече дека Град Скопје креирал наменски линк со мапираните депонии, но почнале и со постапување по пријави за нивно чистење.

На новинарско прашање зошто не е исчистена депонијата во Шуто Оризари која е една од најголемите на територијата на главниот град, градоначалничката Арсовска одговори:

„Ние ветивме дека ќе ги исчистиме сите мапирани и детектирани диви депонии и сите коишто ги имавме детектирано, ги исчистивме. Воедно, работиме и по пријави, и сето она коешто ќе биде дополнително пријавено, ќе биде исчистено“.

На територија на Градот Скопје, секаде каде што биле и каде што има пријави од страна на граѓаните, градските власти ги мапирале дивите депонии и истите се сите исчистени и уредно се објавени.

„Секаде онаму каде што ќе има дојави, ќе отидеме и ќе работиме по пријави“, изјави градоначалничката Арсовска.

Таа рече дека по допрен глас ќе работат и на чистење на дивите депонии и во Шуто Оризари, додавајќи дека се надева и на соработка со градоначалникот на општина Шуто Оризари.

Инаку, за постоењето на дива депонија кај Шуто Оризари, на патот меѓу Визбегово и Шуто Оризари, како и за постоење на дива депонија од Бутел кон Смилковското езеро, просторот на кејот на реката Вардар во Карпош 4 и просторот под Скопското кале, „Мета.мк“ подготви репортажа минатата недела. На терен излеговме на 25 јануари и утврдивме дека на овие локации скопските градски власти треба да вложат дополнителен напор за да го исчистат расфрланиот отпад.

Мета.мк