Владата ќе ги вметне Бугарите во Уставот, прашање е кога

0
33

Бугарскиот премиер Кирил Петков пред бугарските пратеници порача дека Македонија е согласна со уставната промена, а сега се преговара за рокот. Вицепремиерот Бојан Маричиќ рече дека не сака да лицитира со рокови.

Владата е подготвена да ги вметне Бугарите како малцинство во Уставот пред влезот во Европската Унија, но не сака да лицитира со рокови, најави изминатиот викенд вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Премиерот Димитар Ковачевски, пак оцени дека со бугарскиот колега Кирил Петков се на прав пат за зајакнување на дијалогот и дека со економска, културна и друг вид соработка полесно ќе се дојде до решение и за политичките прашања. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски викендов повтори дека нема проблем да се зборува за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, но притоа да се бара реципроцитет и да се признаат правата на македонското малцинство во Бугарија. А вицепремиерот Артан Груби, пак, дополни дека се радува што опозицијата не се противи на отварањето на Уставот, па во тој случај треба да се разгледаат и други прашања, како укинување на ограничувањето од 20 проценти за употреба на албанскиот јазик.

Вметнувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е барање што за првпат директно го испорача бугарскиот претседател Румен Радев лани во октомври на Самитот во Брдо, Словенија, како „плус еден“ на претходните пет барања, а како можно решение прв го предложи министерот Бујар Османи, лани, во март, на средба во Софија со тогашната колешка Екатерина Захариева. Експремиерот Зоран Заев имаше став дека тоа ќе се случи во моментот кога Македонија ќе влегува во ЕУ, а бугарскиот премиер Кирил Петков во петокот пред бугарските пратеници порача дека Македонија е согласна со уставната промена, а сега се преговара за рокот.

Ковачевски: Со волја за прогрес, разликите лесно се надминуваат

Вицепремиерот Маричиќ викендов на граѓанската македонско-бугарска конференција МКБГ2030 изнесе став дека Владата не бега од отворените политички прашања, но дека не може да се дозволи односите помеѓу Македонија и Бугарија да се темелат само на тие прашања.Ова беше негов коментар на изјавата на Радев дека е добро е што се формираат работни групи и меморандуми за инфраструктурата и економија, но „прво треба да се решат оние тешки политички клучни прашања“.

– Има потенцијал во многу други области, преку конкретни форми на соработка да се покажат резултати, да се приближат граѓаните, да се смени атмосферата, за да можеме да ги решаваме сите отворени прашања, вклучувајќи ги и овие. Во никој случај, ниту на средбите, не сме ги избегнувале отворените прашања – рече Маричиќ.

Според него, не е добро да се лицитира со временски рокови околу барањето за вклучување на бугарското малцинство во Уставот и дека двете страни се во фаза на изнесување на позициите и бараат начини отворените прашања да ги стават „во еден план којшто ќе не доведе до подобрување на односите и отстранување на пречките за почеток на преговорите“.

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски викендов истакна дека е подготвен да се разговара за малцинствата во Македонија, но бара да се разговара и за внесување на Македонците во бугарскиот Устав и за почитување на пресудите од Европскиот суд за човекови права.

– Не треба само да се дава, туку треба нешто и да се земе во животот. А, Македонија само дава во однос со спорот со Бугарија – рече Мицкоски.

Премиерот Ковачевски не изнесе конкретен одговор на ставовите на бугарскиот колега Петков, кој им порача на пратениците дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав, а официјална Софија никош нема да разговара за постоење на македонско малцинство, како и дека организацијата ОМО Илинден Пирин е провокација кон македонскиот премиер. Ковачевски оцени дека со Петков се на прав пат за зајакнување на дијалогот и рече дека се договориле да спречуваат недобронамерна пропаганда.

– Таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, разликите лесно се надминуваат. Заедно отворивме искрен и посветен дијалог за стабилност и развој за двете држави. Поттикнавме продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји. Двете Влади се определија да водат политики на градење мостови, а не ѕидови. Со тоа двете држави покажуваат одговорност кон своите граѓани за постигнување достоинствени решенија за двата народи за подобрување на животот на граѓаните – рече Ковачевски.

Петков: Ако ја пуштиме Македонија да преговара, не значи дека ја пуштаме во Европа

Во интервју за бугарски медиум, бугарскиот премиер Кирил Петков вели дека приближувањето на Македонија кон ЕУ не започнува со членство, туку со долг преговарачки процес во кој ќе се надминуваат најчувствителните прашања.

– Да ја ставиме Македонија

патот кон Европа, не значи да ја пуштиме да замине во Европа. Има околу 15 години од оваа до втората точка. Не можеме да пристапиме со „заборави сѐ што знаеш досега и прифати сѐ како што јас ти велам“. Тој пристап не функционира. Во тие 15 години има 27 поглавја да се отворат. Ако направиме процес да се развива историската вистина, да се отстрани дискриминацијата и јазикот на омразата и тој процес да има јасен механизам како да се исчистат тие елементи – рече Петков.

Според најавите, утре во Скопје ќе се одржи првиот состанок на комисиите за економија, трговија и иновации, а три дена подоцна во Скопје ќе се случи и најавеното заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Бугарското МНР му се меша во гостите на Пендаровски

Бугарското МНР се пожали што претседателот Стево Пендаровски во петокот имал состанок со претставниците на забранетите партии и организации на Македонците во Бугарија.

„Повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во спротивност со Договорот за пријателство. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања,“ пишува во соопштението.

Од кабинетот на Пендаровски возвратија дека ниту една постапка на претседателот не била ниту ќе биде во спротивност со Договорот.

Повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во спротивност со Договорот за пријателство. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања,“ пишува во соопштението.

Преземено од Слободен Печат