Градоначалникот на Тетово лично ќе преговара за експропријација на куќи за проширување на булевар

0
17

Тетовскиот градоначалник Биљал Касами вели дека лично ќе се заложи и ќе разговара со сопственици на куќи во градот за да се реши проблем со експропријација за да се реализира предвиденото продолжување на булеварот „Благоја Тоска“. На трасата почна да се работи во времето на претходната локална власт, пред мостот на река Пена, додека после преминот работите не продолжија.

-Има три куќи кои се на трасата предвидени за булевар и за кои има решенија за експропријација, сопствениците не се задоволни и процедурата е преку суд да се реши. Јас се надевам до пролет да се реши, уште немам лично седнато со сопствениците да видиме дали можеме да најдеме заеднички јазик. Сектор за урбанизам е ангажиран и чекам да достават извештај и ќе го решиме тоа брзо. Ќе седнам јас лично со сопствениците и се надевам ќе најдеме заеднички јазик. Проектот во моментот кој треба да се реализира е сегмент од болница до средното текстилно училиште, изјави Касами на денешната прес-конференција во општината каде образложуваше план за повеќе паркинг места во градот.

Во август 2021 година започнаа градежни работи за проширување на булеварот. Средствата освен од Владата, се обезбедени и преку компанијата ТАВ, проект за кој Тетово доби 43 милиони денари. Предвидено е да се обесштетат и рушат осум куќи.

МИА