Групни тепачки кај ски-центрите: По Попова Шапка, полицијата апсеше и во Маврово

0
20

Групна тепачка помеѓу четворица државјани на Косово од една и четворица од Гостивар од друга страна, евидентираше вчера полицијата.

Осумте лица се лишени од слобода и задржани во полициската станица во Гостивар откако меѓусебно се степале на терени на ски центарот Маврово, а биле користени и тврди предмети, односно спортски реквизити.

Две лица се потешко повредени и пренесени на Скопските клиники. За дел од учесниците може да бидат поднесени и кривични пријави за насилство.

„Полициски службеници од ОВР Гостивар вчера околу 18:15 часот ги лишиле од слобода: Ј.О.(27), Д.О.(30), Ф.О.(29) и А.О.(19) од Република Косово и Б.Д.(29), Г.Ѓ.(25), М.Ѓ.(41) и С.Ѓ.(30) од Гостивар, поради сомнение за нивна инволвираност во меѓусебна физичка пресметка која околу 14:50 часот се случила на ски-терените на Бистра во Маврово“, гласи извештајот на МВР.

Во саботата во масовна тепачка на Попова Шапка беа уапсени четири скопјани, кои нападнале двајца тетовци.

„На 01.01.2022 во 13.30 часот во угостителски објект на Попова Шапка, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода Е.Х.(34), С.И.(30), Б.Л.(32) и Д.Д.(25), сите од Скопје, затоа што околу 13.00 часот, пред угостителскиот објект, физички ги нападнале Ж.Н.(49) од с.Брвеница и Ц.Б.(28) од Тетово“ информираа од МВР.

По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.