Ковачевски: Идентитетските прашања се темел на државата и за нив никој не преговара

0
18

Владите во Скопје и Софија се одлучни да изнајдат решение, тврди мандатарот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски во експозето пред пратениците. Тој уверува дека за идентитетските прашања нема да се разговара, туку акцентот во дијалогот ќе биде поставен на економијата, културата, инфраструктурата.

„Историјата е на историчарите, но идентитетските прашања се темели на народот и на државата. За Владата не постои никаква дилема – никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик“, вели Димитар Ковачевски – мандатар

Пратениците на СДСМ повторија дека за идентитетот и јазикот нема да се зборува, но и дека очекуваат брзо решавање на спорот.

Од друга страна, опозицијата обвинува дека македонската јавност е излажана и се поизвесно е, како што велат, ново национално предавство. Според пратеникот Александар Николоски, поради тоа што никој не сака да седне на маса со корумпирани политичари, дијалогот се одвива без медијација.

„Никој не сака да ја притисне Бугарија, затоа што, да не се лажеме, доколку има јасна волја во главните европски градови, доколку има јасно изразена волја во најмоќните европски држави дека Македонија треба и заслужува да почне преговори со ЕУ, проблемот со Бугарија ќе се реши за едно претпладне“, рече Александар Николоски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Во меѓувреме, бугарскиот премиер Кирил Петков излезе од изолација и потврди дека ќе го посети Скопје, заедно со министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, за транспорт Николај С’бев и заменикот претседател на Собранието, Кристијан Вигенин. Премиерот Петков денеска потсети дека се одбележуваат 30 години од бугарското признавање на Македонија како независна држава, порачувајќи дека заедно можеме повеќе.

„На 15 јануари 1992 година Владата на Филип Димитров беше првата која го заштити правото на нашите македонски пријатели да имаат сопствена држава. Така Бугарија покажа дека сака да има вистински добронамерни односи и дијалог меѓу нашите две држави. Денеска ние сме должни да ја вратиме климата на разбирање меѓу нас. Зашто заедно можеме повеќе“, вели Кирил Петков – премиер на Бугарија

Брисел и Вашингтон ја оценија посетата како охрабрувачки сигнал во надминувањето на спорот и деблокада на македонските евроинтеграции. /Алсат.мк